🏫 НАШЕТО УЧИЛИШТЕ
ООУ „Стив Наумов“ – Скопје
Општинското основно училиште „Стив Наумов“ – Скопје има статус на јавна установа чија основна дејност е воспитание и образование на ученици од I до IX одделение. Училиштето ги опфаќа учениците од УЗ Автокоманда, Ќерамидница и Триангла. Со изградбата на станбени згради во 1942 год. во населбата Автокоманда се јавува и потребата за отворање на училиште со што започнува и развитокот на нашето училиште.
👩🏫 Трајанка Митева е првата учителка која во учебната 1948/49 год. истовремено била и раководител на училиштето. Наставата се одвивала во една прилагодена просторија. Со одлука на Народниот Одбор на општината „Саат Кула“, во 1951 година училиштето било именувано како осумгодишно основно училиште – „Стив Наумов“.
Развојниот пат на училиштето минува низ четири етапи почнувајќи од 1948 година. По изградбата на фискултурната сала во 1964 год. и новата зграда во 1968 год., наполно е оформен сегашниот училишен објект. Во 1982 год. се воведува целодневна настава која и денес се изведува.
🎖️ Во 1979 год. училиштето го добива високото признание Орден на трудот со златен венец, како и 13 Ноемвриската награда за особени резултати во воспитно-образовната дејност. Денес училиштето работи во современи услови со модерна технологија и библиотека која постојано се збогатува. 📚
